Советот и Европскиот парламент постигнаа договор за годишниот буџет на ЕУ за 2026 година.
Со вкупно 192,8 милијарди евра обврски и 190,1 милијарди евра плаќања, финансиската рамка ќе ги поддржи главните приоритети на ЕУ – зголемување на конкурентноста, зајакнување на одбранбената подготвеност, хуманитарна помош и справување со миграцискиот притисок.
Обврските се правно обврзувачки ветувања за трошење пари за активности што опфаќаат неколку буџетски години.
Плаќањата ги покриваат расходите што произлегуваат од обврските направени и во тековната и во претходната буџетска година.
Најголемиот износ на средства во буџетот за следната година е планиран за кохезија – речиси 72 милијарди евра, на второ место – за природни ресурси и животна средина – над 56,5 милијарди, и за единствениот пазар, иновации и дигитализација – над 22 милијарди евра. Нешто повеќе од 5 милијарди се издвоени за миграција, а речиси 3 милијарди за безбедност и одбрана.
Посебен акцент се става на флексибилноста на буџетот. Ова ќе ѝ овозможи на ЕУ брзо и ефикасно да реагира на неочекувани кризи. За таа цел, 715,7 милиони евра се оставени под горните граници на расходите предвидени во тековната Повеќегодишна финансиска рамка за периодот 2021-2027 година.
Буџетот е шести по ред во рамките на тековната Повеќегодишна финансиска рамка и ќе биде дополнет со механизмот за закрепнување од COVID-19 – „Следна генерација ЕУ“, кој останува во сила до 2026 година.
Договорот мора формално да биде одобрен од Европскиот парламент и Советот во рок од 14 дена. Се очекува Советот да го потврди буџетот на 24 ноември. За конечно усвојување е потребно квалификувано мнозинство.