Советот за надворешни работи на Европската унија синоќа не расправаше за состојбата во Република Македонија и покрај барањето на Велика Британија и Германија ова прашање да се најде под точката „Разно“ на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, по завршувањето на вчерашниот Совет на Унијата, потврди дека дискусијата за Македонија е одложена за 20-ти јуни поради тоа што оние што барале да се дискутира, Германија и Велика Британија, не биле присутни на крајот на состанокот преку своите министри. Поради тоа високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини ја одложила дискусијата за македонските случувања.
– Прашањето за Македонија не беше на агендата, бидејќи Могерини рече дека министрите што побараа оваа точка да биде на агендата не се присутни во моментот. Затоа оваа дискусија ја одложивме за следниот состанок, рече Високата претставничка. Секретарот за надворешни работи на Британија, Фил Хамонд беше тука, но замина и не беше присутен кога требаше да се разговара за последната точка „Разно“ на агендата. А, Германија ја претставуваше државниот министер Михаел Рот. Затоа Могерини побара за одложување на оваа точка од агендата за 20. јуни, односно за еден месец од сега, изјави Сијарто.