Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ на заседанието кое ќе се одржи во вторник ќе усвојат заклучок во кој ќе се изрази сериозна загриженост за политичката состојба во Македонија, стои во нацрт-заклучоците на Советот.
Министрите, исто така, ќе побараат одговорност од сите политички фактори во земјата, а се очекува да изразат став дека е неопходна истрага за содржината од „бомбите“ на опозицијата.
Советот на министри во вторник ќе испрати порака до македонските политички субјекти дека наскоро ќе се наврати на оваа тема, со очекување дека политичката состојба ќе се подобри.
Фактот што министрите подготвуваат заклучоци за Македонија може да се смета за политички сигнал на загриженост од Европската унија. Ова е прва реакција за актуелната политичка ситуација во Македонија од вака високо ниво. Во меѓувреме беа упатени сериозни предупредувања дека Македонија може да ја изгуби препораката за почеток на преговори во извештајот за напредокот кој ќе биде објавен во октомври.
Априлскиот совет за надворешни работи традиционално ќе се одржи во Луксембург.
