По Аеродром и Гази Баба, и во скопски Карпош учебната недела во основните училишта ќе запонува со интонирање на државната химна.
На предлог на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалцијата, советниците во општина Карпош ја изгласале одлуката. Ова го истакна Андријана Јакимовска Панчевска, советник на ВМРО-ДПМНЕ во општината.
Сега останува на градоначалникот Стевчо Јакимовски да ја потпише и имплементира ваквата одлука.
Химната ќе се интонира секој понеделник, пред почетокот на наставата.
Пред неколку дена, градоначалникот на Тетово и лидер на БЕСА, Биљал Касами порача дека ако сите треба да ја почитуваат државната химна, таа химна треба да ги почитува сите различности со кои живееме секојдневно. Според него, ако се пее македонската химна во училиштата, мора да се почитува албанското мнозинство и да се пее и албанската химна.
-Одлуката ќе ја почитуваме, но законите мора да ги почитуваат сите различности во државата. Ценам дека Албанците како втор мнозински народ, мора да бидат почитувани во оваа одлука. Треба да се интонира и албанската химна и тоа што го почитуваат и Албанците, додаде Касами во петокот.
Ова следува откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика Министерството за образование, по примерот на општините Аеродром и Гази Баба, во сите училишта низ државата да се воведе задолжително интонирање на националната химна. Според Мицкоски, на овој начин секој граѓанин ќе покаже почит кон основните симболи на државата.