На предлог на градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов едногласно Советот на Општина Струмица донесе одлука да се продаде службеното возило марка „шкода суберб” набавено пред 4 години на лизинг.
Во одговорот што Костадинов го даде пред советниците истакна дека нема да се набавува нов автомобил, туку ќе го користи сопственото возило и за него нема да бара трошоци.
-Возилото ќе се продаде бидејќи не се користи и кога не се употребува цената може само да му падне. Од таа причина нема да набавиме возило за градоначалникот и доколку се утврди потреба за набавка на возило било да се работи за службите во општината, за јавните претпријатија, тогаш размислуваме за грижа за животната средина и во иднина ќе размислуваме за набавка на електрични возила, градски, за потребите на Општината. Средствата од продажбата на автомобилот планираме да ги употребиме за изработка на проект за младински културен центар и дел за потребите на Општината, рече градоначалникот Костадинов.