Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, на прес-конференција по седницата на Советот за безбедност на Косово, рече дека на неа се расправало за притисоците од Белград врз Србите кои се припадници на Безбедносните сили на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Тема на дневниот ред беше безбедносната состојба по притисоците од Белград врз припадниците на српската заедница кои се дел од ФСК… Како што знаете, извесно време и во медиумите се известува за вооружени напади, за напади со експлозивни средства кои го загрозуваат животот на српските припадници на ФСК, кои се случија на север, изјави Харадинај.
Овие инициденти, како и постојаните закани и директните притисоци од Белград, додаде тој, резултираа со барања за ослободување од службата во ФСК на одреден број Срби.
– Повеќето од нив во изјавите за мотивите за напуштањето на ФСК го нагласуваат директниот притисок од страна на официјален Белград, било преку задржувањето при влез во Србија, полициското испитување и заканите по нивниот живот и животот на нивните семејства, до другите инструменти кои се користат, вклучително механизмите на паралелните институции кои дејствуваат во Косово кои ја спроведуваат оваа агенда на притисоци, уцени и закани врз припадниците на ФСК, српски граѓани на Косово, рече Харадинај.
Тој информира дека Советот за безбедност расправал и за нападите врз припадници на српската заедница, што се случија во последно време во земјата.