Создадени првите Вибер стикери со македонски знаковен јазик

од Берта Китинска
475 прегледи

Со цел да се поедностави мрежната комуникација помеѓу младите со оштетен слух и говор, но и да се им доближи знаковниот јазик на сите други корисници на комуникациската мрежа Viber, учениците од државниот центар „Партенија Зографски“ учествуваа во изработка на стикери, кои се комбинација од македонски знаковен јазик и текст.

Во рамки на проектот ,,Одговорна иднина”, изминатиот период во училиштето „Партенија Зографски“ беа одржани повеќе работилници за графички дизајн под менторство на Јана Марковска од креативното студио „Do:More“, на кои учениците со оштетен слух и говор имаа можност да се запознаат со основните елементи и принципи на графичкиот дизајн.

Од хартија и молив, до практична работа на една од примарните програми за графички илустрации учениците ги создадоа своите први персонализирани стикери. Работилниците се реализираа со логистичка помош од педагогот и толкувач Викторија Волак. За изработка на стикерите е користена нова модернизирана дворачна знаковна азбука, изработена од Лазар Ѓиков, поранешен ученик во „Партенија Зографски“.

Благодарение на учениците Мухамед Асипи, Ивана Трајковска, Енис Аспиров, Јове Илиевски, Лаура Бектешовска, Јана Кацарска, Мираџ Аспиров, Кепсер Хасан, Мумудија Демирова, Мухамед Алиев, Кристина Стојковска, Марио Стојковски, Јовица Милановски и Ајдован Османовски, сега секој може да се запознае со основните комуникациски знаци кои ги користат лицата со оштетен слух и говор.

Проектот ,,Одговорна иднина” е во организација на Македонското модно здружение. Сите едукативни активности се поддржани од Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е. Стикерите може да се преземат бесплатно на линкот https://bit.ly/3vNaPJ5 или со скенирање на QR кодот

Слични содржини