Спајиќ: Црна Гора подготвена да го преземе претседателството со Берлинскиот процес

Спајиќ нагласи дека неговата земја го прифаќа овој предизвик со решителност и јасна посветеност да го гради постигнатиот напредок во регионот.

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Милојко Спајиќ

Црна Гора е подготвена да го преземе претседателството со Берлинскиот процес – стратешки чекор кој, според црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, ќе ја забрза интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, објави МИНА. На самитот во Лондон, Спајиќ нагласи дека неговата земја го прифаќа овој предизвик со решителност и јасна посветеност да го гради постигнатиот напредок во регионот.

„Следната година ќе биде историска – ќе одбележиме 20 години од враќањето на независноста, ќе ги затвориме сите поглавја од преговорите со ЕУ и ќе бидеме домаќини на самитот ЕУ-Западен Балкан“, рече Спајиќ, цитиран од црногорската агенција. Тој посочи дека Црна Гора ќе инсистира на забрзана имплементација на Регионалниот заеднички пазар и Зелената агенда, поголема транспарентност и поблиска соработка во областите на дигитализација, мобилност, наука и иновации.

Спајиќ нагласи дека Западен Балкан треба да биде препознаен како „следна европска развојна област“.

„По политичките зборови мора да следат економски дела“, додаде тој, заблагодарувајќи се на Обединетото Кралство за успешната организација на форумот.

Меѓу приоритетите на Црна Гора, премиерот го истакна приклучувањето кон Единствената европска зона за плаќања (SEPA), што ја доближува земјата до европскиот финансиски систем, како и иницијативата за укинување на роаминг таксите меѓу ЕУ и Западен Балкан – симболичен и практичен чекор кон дигиталното единство на континентот.

Во контекст на безбедноста, Спајиќ го истакна Регионалниот центар за сајбер капацитети на Западен Балкан (WB3C) во Подгорица, поддржан од Франција и Словенија, како пример за успешна регионална соработка. Тој ја поздрави одлуката на Обединетото Кралство да се приклучи на проектот преку програма за сајбер безбедност вредна пет милиони фунти.

Борбата против корупцијата, енергетската и прехранбената безбедност и отпорноста на климатските промени, исто така, остануваат меѓу стратешките цели на Подгорица.

„Регионот не може да си дозволи ранливост – ниту на надворешни шокови, ниту на внатрешни поделби“, заклучи Спајиќ.

Лондонскиот состанок е 12-ти во рамките на Берлинскиот процес – дипломатска иницијатива започната во 2014 година, која има за цел да ја зајакне политичката стабилност и економската интеграција на Западен Балкан, потсетува МИНА.