Тренерот на Наполи, Лучано Спалети одговори на критичарите на тимот по победата од 2-1 над Лацио во натпревар од 27. коло на италијанскиот шампионат.
„Небесносините“ се на врвот на табелата со 57 бодови, исто колку и вториот Милан.
„Тимот одигра добар фудбал во второто полувреме. Голот на Педро го врати Лацио во мечот, но пред тоа имавме неколку можности да го зголемиме водството. Мислам дека генерално ја заслуживме победата. Ова им го потенцирам на сите кои се жалеа дека овој тим нема карактер. Сакам да слушнам што ќе кажат сега. Наполи дефинитивно има карактер. Тимот има потенцијал и го покажа денеска. Лацио игра добар фудбал, но мислам дека не е погрешно да се каже дека ја заслуживме победата. Имаме добар тим и тимот го прави тоа што треба“, изјави Спалети за DAZN по натпреварот.