Спас за најсиромашните земји, привремено мирување на долгот

од Vladimir Zorba
181 прегледи

Претседателот на Светската банка, Дејвид Мелпас, рече дека е уверен дека ММФ ќе се согласи на привремено мирување на долговите за најсиромашните земји во светот.

Мелпас во петокот објави дека предлогот ќе биде дискутиран на состанокот на министрите за финансии Г-7 и Г-20 следната недела и изрази очекување дека предлогот ќе биде широко поддржан и на состанокот на 25-члената Комисија за развој на Светската банка и ММФ.

„Сиромашните земји очекуваат меѓународната заедница да го преземе водството и да ја олесни должничката криза и јас сум убеден дека ќе го постигнеме тоа“, објави Мелпас.

Новата студија на добротворната организација „Оксфам“ предупредува дека како резултат на економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот, повеќе од половина милијарда луѓе ќе паднат во сиромаштија, освен ако не бидат преземени итни и драстични мерки.

Во извештајот се проценува дека по пандемијата, бројот на сиромашните ширум светот ќе се зголеми од 400 на 600 милиони.

Меѓународната заедница е под зголемен притисок да се договорат за пакетите за ослободување од долгови и помош за земјите во развој.

Повеќе од 100 светски организации побараа да не се исплаќаат долгови кон земјите во развој оваа година, што би ослободило до 25 милијарди долари за поддршка на нивните економии.

Оксфам повика на спроведување на политика за „пари од хеликоптер“, односно Европската централна банка да им исплаќа пари на сите поединци во земјите-членки погодени од кризата.

Тоа ќе им помогне на луѓето, компаниите и економијата да се справат со намалената економска активност, ќе им помогне на вработените да им се плаќаат плати и да се спречи дефлација.