Спасени се четирите лица, залутани по клисурата на Пчиња

од Vladimir Zorba
247 прегледи

Центарот за управување со кризи информира дека четирите залутани лица, две жени, еден маж и дете (возраст 29, 18, 35, 7 години), се лоцирани и пронајдени.

Теренот на локацијата каде биле залутаните, како што посочуваат од ЦУК е исклучително стрмен и опасен за движење, па тие биле извлечени со чамец.

-Тие по исклучително стрмниот терен успеале да се спуштат на десниот брег на реката Пчиња на непристапно место над – пред манастирот Мала Богородица, во клисурата на реката Пчиња, под автопатот Скопје – Велес, од каде што по земјен пат не можеле да се извлечат во текот на ноќта. Тим спасители со пловење со чамец по Пчиња од Катланово па, се до локацијата на изгубените во клисурата на реката под самиот автопат, со голем напор и несебично залагање безбедно ги пронајдоа и ги извлекоа од десниот речен брег на левиот, а потоа безбедно ги качија на автопатот, информираат од ЦУК.

По добиената информација преку 112 во ЦУК, Регионалниот ЦУК Велес веднаш комуникациски координирал за пронаоѓање со СВР Велес, ДЗС Велес и Општина (ЕЛС) Велес, по што од Велес дојде од општината и Тим спасители на вода од доброволното друштво „Македонски спасител безбедност на вода и планина Велес“ со специјален спасувачки чамец,.

-Тимот спасители на вода од Велес, а со поддршка и на тим од припадници на САЕ „Тигар“ тргнаа од Катланово пловејќи по Пчиња во обид да се пробијат до местото каде што се наоѓаат лицата за да ги префрлат од другата страна на реката, околу триста до петстотини метри над манастирот Мала Богородица којшто се наоѓа во клисурата на Пчиња под самиот автопат. Во реката спасителите наидоа на многу препреки, коишто мораа да ги преминат буквално пренесувајќи го на раце на некои места чамецот, а на едно место дупнатиот чамец и на терен го лепеа, по што продолжија. Студенилото, мракот и влажноста дополнително отежнуваа, но и залутаните лица, исто така, беа изложени на студенилото на ноќта, бидејќи имале само лесна дневна облека, маички на кратки ракави. Таквите услови ја диктираа континуираната динамика што спасителите ја реализираа со голем напор, но и со голема волја да се помогне оптимално брзо, а безбедно за сите, се вели во соопштението од ЦУК.

На лице место, долу во длабоката и опасно стрмна клисура се спуштил и директорот на ЦУК, Ангелов, заедно со таткото, еден од родителите на дел од лицата. Во заедничка комуникација преку реката, со залутаните лица, тие биле успокоени и дека е прашање само на време кога ќе бидат извлечени. За тоа време, како што информираат од ЦУК, имало обиди да им се фрлат шишиња со вода за да не дихидрираат, бидејќи нивната вода завршила.

Во време нешто по 02.00 по полноќ лицата се безбедно префрлени преку реката Пчиња и извлечени горе на автопатот, од каде што со возила се превезоа во нивните домови во Скопје.

Директорот на ЦУК Ангелов, се вели во соопштениети, изразил голема благодарност на сите ангажирани во спасителната акција за безбедно пронаоѓање и префрлање преку реката со чамец и извлекување на лицата што беше многу специфична, но успешно се реализираше од страна на сите присутни на терен, а и дежурни во Системот за управување со кризи.

Слични содржини