Спасени заглавени лица поради излевање на реката Пчиња

Пожарникарите спасија лица заглавени во автомобил по излевањето на Пчиња

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Фејсбук

Две лица со автомобил заглавиле утрово во надојдената вода во село Стрновац во општина Старо Нагоричане поради излевањето на реката Пчиња и создавање на вирови, пожарникарите од општината ги извлекле.

– Денеска во 07:35часот по повик од 112 дека има заглавени две лица до бањата во село Стрновац-Општина Старо Нагоричане, поради излевање на реката Пчиња, територијалната противпожарна единица од Старо Нагоричане интервенираше со едно возило и двајца пожарникари, информираа денеска од ТППЕ Старо Нагоричане.

Оттаму апелираат до граѓаните на Општина Старо Нагоричане да избегнуваат движења и секакви активности по течението на река Пчиња во Општина Старо Нагоричане, доколку се здогледа лице во опасност од временските услови веднаш да пријават на 112.

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска соопшти дека водостојот на реката Пчиња кај Пелинце од утрово е 120 сантиметри, а вчера бил 18 сантиметри, што претставува негов значителен пораст. Оттаму додаваат дека денешниот водостој е трипати повисок од просекот за ноември, кој изнесува 41 сантиметар.