„Политичкиот легитимитет кој што го доби ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН и партијата ЗНАМ на Максим Димитриевски е толку голем што практично ВМРО-ДПМНЕ нема потреба од градење на нови политички сојузи особено со ДУИ за да создаде политички мнозинство“, рече универзитетскиот професор Александар Спасеновски во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
-Имено, како што знаеме и во моментов без никаква соработка на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ политичкото мнозинство во Собранието е 2/3 или близу до 2/3 од вкупниот број на пратеници“, појасни тој. Спасеновски додаде дека многу е јасен распоредот на силите во македонското Собрание, на една страна е ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН и ЗНАМ, а на друга страна е СДСМ, ДУИ и Левица. „Оваа поддршка која што ВМРО-ДПМНЕ ја доби од страна на дел од пратеници на ДУИ може да се толкува единствено во смисла на тоа дека сите партии од владејачката позиција и дел од опозициски партии поддржуваат определен политички концепт кој што доби огромно мнозинство, рече Спасеновски.
Тој се осврна и на Законот за организација и работа на органите на државната управа со што нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ на овие избори многу јасно настапи пред граѓаните и ова сега што се прави од страна на владејачката партија беше дел од изборната кампања.