Министерот за надворешни работи Бујар Османи днеска изјави дека во моментов С.Македонија во амбасадата во Москва има двајца претставници односно в.д. амбасадор и уште еден дипломат и дека доколку Русија одлучи да врати во иста мерка тогаш можно е амбасадата да остане без ниту еден дипломат. На оваа изјава реагираше на својот Фејсбук профил универзитетскиот професор, Ѓорѓи Спасов.
-Важна одлука. Стратешкиот соовет на МНР што го формирал Османи решил да им предложи на Русите да ја протераат од нашата амбасада во Москва мачката што таму сме ја заборавиле, откако таму нема веќе подолго време ниту еден дипломат.И тоа според Виенската конвенција би бил адекватен одговор на протерувањето руски дипломат од Македонија, напиша Спасов.
Руското министерство за надворешни работи, во денешната објава на Твитер, го оцени прогласувањето на дипломатот за персона нон грата како непријателски чин кон дипломатската мисија во Скопје.
„На 14 мај беше преземен непријателски чин против руската дипломатска мисија во Северна Македонија. Локалните власти прогласија еден од дипломатите за персона нон грата. Ние силно ги осудуваме ваквите немотивирани активности, кои не можат а да не влијаат на односите меѓу Русија и Северна Македонија. Следуваат контрамерки“, стои во соопштението на руското МНР.