Денеска се навршуваат 8 години од крвавите настани во „Диво насеље“ и по тој повод министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски се огласи на социјалните мрежи.
-Во мое Куманово, и во целата земја, сите бевме во неизвесност од вооружениот напад во кој животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи – Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ. Нека им е вечна слава, објави Спасовски.
Министерот посочи дека судските архиви сведочат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“, така што овој крајно вознемирувачки и трагичен настан засекогаш ќе остане во колективната меморија на кумановци како голема траума, а граѓаните од целата држава ќе паметат дека нарачателите не ја остварија својата цел да ја одржат неизвесноста во која режимот ги држеше во заложништво државата и граѓаните.
-Хероите живеат вечно! Никогаш да не се повтори!, напиша Спасовски.
На 9 и на 10 мај 2015 година, во кумановско „Диво насеље“ вооружена група се судри со безбедносните сили. Во престрелката загинаа осум полицајци од специјалните и од посебните единици на МВР, додека четириесетина беа тешко повредени. Убиени беа и десет лица од вооружената група.
За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Случајот подоцна се спои со „Молња“ во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Дива населба“, со што бројот на обвинети се искачи на вкупно 37.
Јавното обвинителство на Република Македонија покрена постапка за приведените во акцијата во Куманово откако МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против определен број лица за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.
Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда.
Кривичниот суд во ноември 2017 година на казна доживотен затвор осуди осуммина обвинети за терористичкиот напад во кумановско „Диво Насеље, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.
На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.