Спасовски бара да се дерегистрира партијата на Палевски

од Nikola Popovski
215 прегледи

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа упати порака дека партијата на Љупчо Палевски-Палчо мора да биде дерегистрирана.

Спасовски ја нарече политичката партија на Палевски „Десна“ – криминално дувло и обвини за странско влијание.

-Вакво криминално гнездо како што е направено, мора да се разбие до крај и такви политички партии кои со, не знам какви проминенции оваа го прават, како што е формирана, таа мора да биде дерегистрирана, кажа министерот одговарајќи на новинарски прашања.

Прашан за какви влијанија од странство се работи, Спасовски рече дека мисли на ставовите што ги застапува оваа политичка партија.

Вчера се огласија од Десна откако стана јасно дека нивниот претседател извршил две убиства. Од партијата велат дека се соочени со шок и неверување.

-Пред се, изразуваме најдлабоко и најискрено за загубата на два човечки живота, младата Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На семејствата на жртвите им изразуваме најдлабоко сочувство за загубата на нивните најблиски. Политичката Партија Десна, за своите членови и претседателот на партијата, доколку се докаже дека се виновни, бара да бидат најстрого казнети. Во меѓувреме апелираме да се почитува уставно загарантираната Презумција на невиност на осомничените и обвинетите, додека не се докаже спротивното, велат во објавата на друштвените мрежи.

Од таму додаваат дека пред Обвинителството и органите на прогонот претстои тешка и деликатна задача во целост да ги разоткријат сите елементи на овие настани.

Од партијата истакнаа дека согласно нивниот Статут, ќе ги замрзне членството, функциите и активностите на обвинетите до крајот на процесот.

Покрај Палчо, и останатите обвинети биле вклучени во Десна.

Слични содржини