Спасовски: Борбата против корупцијата е најсилната алатка за самоодбрана на држава, чин на вистински патриотизам

од Маја Анчевска
694 прегледи

Со платата за месец февруари, за првпат 1.008 колеги во МВР ќе земат надомест за домашно дежурство за месец јануари 2022, за што се обезбедени 1.400.000 денари, што е дел од новиот Колективен договор помеѓу Министерството за внатрешни работи и репрезентативниот Македонски полициски синдикат, вели во интервју за „Локално“, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски.

За зголемување на безбедноста во сообраќајот, за намалување на жртвите во сообраќајот, намалување на сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди и со големи материјални штети, Министерот потенцира дека се прават сериозни и континуирани вонредни контроли.

– Онаму каде што е констатирано учество во сообраќај без комплетна потребна документација, против лицата и правните субјекти се покренати кривични постапки, а возилата кај кои на вонреден технички преглед е констатирана техничка неисправност или недоследност, веднаш се исклучени од сообраќај, вели Спасовски.

Минатиот месец беше сузбиена меѓународна криминална група за нелегална трговија со дрога, се поведоа ли некои постапки против нив и кои?

– Кон крајот на февруари беше сузбиена меѓународна криминална група за нелегална трговија со дрога, во која покрај наши државјани, учествувале и албански и косовски државјани, кои биле инволвирани во недозволена трговија и продажба на наркотични дроги, така што организирале транспорт на марихуана од Албанија преку Косово во нашата држава, со цел понатамошен транспорт за Турција, при што беа приведени 10 лица, а запленетите околу 40 килограми марихуана се со вредност од над 200.000 евра, а само една недела претходно во заедничка координирана акција на македонската полиција и обвинителство со органите на Белгија и Холандија беше сузбиена меѓународна криминална група за нелегална трговија со дрога, при што против две лица наши државјани е отворена истражна постапка, а истовремено во Белгија од слобода се лишени 11 лица, а во Холандија биле уапсени пет лица.

Ова само говори за добрата стратешка поставеност на министерството која донесе одлични резултати, а државата ја позициониравме како кредибилен фактор во борбата против недозволената трговија со наркотици. Впрочем, и 2021 година ја заокруживме со добри резултати во контекст на врвниот приоритет на ова раководство на МВР – сузбивање на недозволената трговија со дрога. Притоа, само во овој сегмент спречени се 20 канали за меѓународен транспорт, запленета е наркотична дрога во вкупна проценета вредност од 15 милиони евра, сузбиени десеттина организирани криминални групи, составени од 60 члена, од кои три се поликриминални, односно покрај шверц со дрога, инволвирани се и во недозволена трговија со оружје и во криумчарење на мигранти. Или, откриени се 702 кривични дела, а мерки на кривичен прогон се преземени против 833 сторители.

Резултатите од бескомпромисниот став на ова раководоство на МВР во сузбивањето на недозволена трговија со дрога се евидентни, и во смисла на откриени количини дрога и во смисла на вредноста на различните видови психотропни супстанци, а уште повеќе што во добар дел од случаите станува збор за сузбиени меѓународни транспорти и разбиени организирани групи кои се занимавале со недозволена трговија со дрога. За илустрација, за само два месеца запленети се 7 килограми хероин со вредност од речиси 300.000 евра, околу 1.2 тона психотропни супстанци за производство на амфетамин со вредност од околу 200 милиони евра, над 2 тона марихуана со вредност од над 4,5 милиони евра…

Покрај бројни пресечени меѓународни транспорти на дрога, кои други кривични дела се открие и сузбиени?

Зголемување на откриените кривични дела имаме и за недозволената трговија со оружје, при што заплените со оружје, муниција и пиротехнички средства се зголемени повеќекратно, а за одбележување е што во рамките на откриените 177 кривични дела, за што кривично се пријавени 187 сторители, сузбиени се две поликриминални организирани криминални групи со 24 членови кои се занимавале со недозволена трговија со дрога и оружје. Притоа, запленети се вкупно 328 парчиња оружје, 39 сандаци со муниција и 22.322 куршуми, над 151.000 пиротехнички средства, откриени се и три импровизирани работилници за оружје, од кои една во Куманово и две на подрачје на СВР Скопје, а поради неовластена продажба на муниција, затворено е и едно стрелиште.

Што играше клучна улога за да започнете со оперативна акција „Бегалец“, за приведување и пронаѓање на криминалци барани со меѓународни и регионални потерници?

– Пронаоѓањето и приведувањето на лица – извршители на потешки кривични дела за кои беа распишани централни и меѓународни потерници за издржување казна затвор до десет години, а подолг период не беа достапни на органите за прогон беше поводот во септември 2020, по моето повторно враќање на чело на ресорот, да иницирам оперативна акција, која ја насловивме „Бегалец“ и со која само до средината на минатата година, по преземени интензивни мерки и активности, беа пронајдени и приведени вкупно 479 лица. Станува збор за лица за кои се распишувани локални, централни и меѓународни потерници: осудени со казна затвор, лица под истрага или со веќе определена мерка притвор, лица кои избегале од казнено-поправни установи. Но, активностите на полицијата за остварување на оваа стратешка цел продолжија со несмален интензитет во текот на целата 2021, но и во оваа година.

Колку лица беа пронајдени и лишени од слобода, барани со потерница?

– Само во текот на минатата година, најголемиот дел – 297 лица беа пронајдени и приведени на територијата на Скопје. Од страна на Оперативниот тим – потраги од слобода беа лишени 102 лица за издржување на вкупна казна затвор 269 години и 6 месеци и за доиздржување на преостанатиот дел од казната затвор во вкупно времетраење од 204 години и 11 месеци. Додека од страна на организационите единици во рамки на СВР Скопје, од слобода беа лишени 195 лица за издржување на вкупна казна затвор од 210 години и 9 месеци и за доиздржување на преостанатиот дел од казната затвор во траење од 22 години, 11 месеци и 27 дена. Во рамки на меѓународните потраги по лица, по распишани потерници од Северна Македонија, во странски држави пронајдени и лишени од слобода се 98 лица, а врз основа на распишани меѓународни потерници од страна на други држави, во Република Северна Македонија лишени од слобода  се 51 лице.

Годинава, пак, од 1 јануари до средината на февруари, СВР Скопје и Оперативниот тим – Потраги, на подрачјето на главниот град лоцираа и приведоа 37 лица, кои биле барани со потерници, по различни основи: по наредби добиени од страна на Основен кривичен суд Скопје, Основно јавно обвинителство Скопје, Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје, КПУ Затвор Идризово, КПУ Затвор Скопје и др.

И овие показатели говорат дека со одговорна и ефективна работа во континуитет ја продлабочуваме веќе зголемената доверба на граѓаните во полицијата. Си поставивме неколку стратешки цели и продолжуваме со мерки и активности кои се во насока на заштита на законитоста и на гарантирање на безбедноста на сите наши граѓани.

За разлика од минатите години нашата држава бележи и скок во борбата против корупција. На што се должи тоа и колку кривични дела се детектирани од страна на МВР?  

– Скокот од 111. место на 87. место на нашата држава во последниот извештај за борба против корупција на Трансперенси интернешнл е резултат на цврстата определба за нулта толеранција кон корупцијата и ефикасната борба против овој тип на злоупотреби, во која како МВР бележиме одлични резултати во континуитет. Така во  2020 година беа откриени 97 кривични дела, за што кривично беа пријавени 161 сторител, за причинета материјална штета од околу 100,2 милиони денари, додека во  2021 година МВР продолжи со тој засилен тренд на детектирање и правно процесирање, при што беа откриени 157 кривични дела, што претставува зголемување на откривачката дејност за околу 62%. Во рамки на откриените случаи, кривично се пријавени 261 сторител, додека причинетата материјална штета е проценета во износ од над 149 милиони денари.

Која е најсилна алатка за самоодбрана на државата?

– Уверен сум дека токму благодарение на ваквите резултати успеавме да ја рангираме државата меѓу подобрите во регионот и со право можеме да кажеме дека со поставувањето на борбата против корупцијата меѓу врвните приоритети на МВР и Владата, уште еднаш на дело го покажавме принципот на добро владеење, односно дека борбата против корупцијата е најсилната алатка за самоодбрана на една држава, односно јас тоа би го нарекол чин на вистински патриотизам!

Кои чекори се преземени од страна на МВР за поголема сообраќајна безбедност?

– Не можеме да зборуваме за поголема јавната безбедност, а таа да биде ограничена само на неколку сегменти, да биде парцијална или, уште полошо, да се реализира селективно. Затоа и секојдневно известуваме за контроли во различни сегменти – за безбедност во сообраќајот, во јавниот превоз, во училиштата, во угостителските објекти… Тоа говори дека полицијата е и ќе биде постојано на терен помеѓу граѓаните – преку веќе воспоставениот партнерски однос заеднички да придонесеме за побезбедна држава.

Иако акциските контроли на МВР се спроведуваат во континуитет од 2016 година наваму, последниов период правиме сериозни и континуирани вонредни контроли, во кои досега беа контролирани околу 1000 возила кои вршат јавен превоз, вклучувајќи ги и оние кои вршат превоз на ученици до училиштата и назад, и тоа на територијата на целата државата. Онаму каде што е констатирано учество во сообраќај без комплетна потребна документација, против лицата и правните субјекти се покренати кривични постапки, а возилата кај кои на вонреден технички преглед е констатирана техничка неисправност или недоследност, веднаш се исклучени од сообраќај. Сето ова се прави за уште поголемо зголемување на безбедноста во сообраќајот, односно намалување на жртвите во сообраќајот, намалување на сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди и со големи материјални штети.

Која година бележи најмалку жртви во сообраќајот и на што се должи тоа?

Еве, само за споредба, во 2013 има 198 жртви во сообраќајот. 2020 година, за време на локдаун во државата, имаме 125 жртви во сообраќајот, додека 2021 беше година во која немавме ограничување на движењето, а ја завршивме со 116 жртви, со што таа е најбезбедна година во сообраќајот во последните 15 години. Ова е резултат на обемот на сообраќајни контроли со сообраќајни казни по сите основи, кој лани беше за 4 пати (334%) зголемен (240.870), споредбено со 2020 година (55.444). Засилените контроли и превентивните акции продолжуваат со несмален интензитет и во 2022 година, сè со цел да придонесеме оваа година да биде најбезбедна досега.

Кои се заложбите на МВР за сузбивање на ученичко насилство?

– Со споменатите контроли во училиштата, за кои добиваме многу позитивни критики од родителите, нашата заложба е да влијаеме врз намалувањето на насилството меѓу учениците, бидејќи при прегледите не ретко беа пронајдени и предмети со кои може да се извршат кривични дела (ладно оружје итн).

МВР бележи голем број на пресечени меѓународни транспорти на дрога, сузбивање на криминални групи, голем број пронајдени и сроведени кримиланци барани со потерница, безбедноста во сообраќајот се искачи на повисоко ниво и уште многу други дела. На што се должат овие успеси на МВР?

– За сите овие резултати кои говорат за сериозен успех на МВР во различни сегменти од работењето, покрај стратешките заложби и посветеноста на актуелното раководство, неопходни се и мотивирани и високопрофесионални полициски службеници. Неспорна беше потребата да работиме на тоа, односно да ја реформираме полицијата за да ја вратиме изгубената доверба на граѓаните кон неа. Затоа, во 2017 година ја поставивме стратешката определба за концептот полиција – сервис на граѓаните, и оттогаш, па сѐ до крајот на 2021 година, со едно динамично темпо ги остваривме сите зацртани програмски активности за севкупно подобрување на условите и материјално-техничките капацитети на македонската полиција.

Освен што е овозможена поголема граѓанска безбедност, се преземаат ли реформи за подобрување на работните услови на полициски службеници?

– Реконструиравме 70 објекти на разни организациони единици на Министерството низ државата, за што одвоивме средства од сопствениот буџет. Притоа, резултатот е евидентен со тоа што 2021 ја завршивме како најбезбедна година досега, со зголемена ефикасност на полицијата. Бројката од 70 целосно реконструирани објекти на МВР, за периодот од 2017 до 2021 година, е сериозен показател за одговорниот пристап на ова раководство на МВР кон подобрувањето на условите на вработените и на услугата за граѓаните. Притоа во нив се имплементирани мерки за енергетска ефикасност, со што се создадоа не само квалитетни услови за работа на полициските службеници, туку и трансформација на објектите на енергетски план, која опфаќа зголемено учество на обновливи извори на енергија, поголеми заштеди и заштита на животната средина.

Паралелно со ова се реализираа набавки на нови униформи и опрема, па специјалниците единици добија повеќе комплети нова униформа, униформи и чевли се набавени и за униформираната полиција, за Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на БЈБ, за Хеликоптерската единица, а целосно нова униформа е обезбедена и за младите полицајци и приправници. Покрај ова, ги исплативме трите заостанати бонус плати за прекувремено изработени часови, додека тековните бонус плати се исплаќаат навремено, обезбедени се поголем број донации во возила и опрема за разни полициски организациони единици.

Свесен бев дека за изградба на силна институција, која ќе го гарантира редот, безбедноста и владеењето на законите, како и етаблирање на полицијата како гарант за заштита на законитоста во интерес на сите наши граѓани, мораме континуирано да вложуваме во нова генерација на комплетно опремени и задоволни полициски службеници и во 2022 година, со забрзан интензитет ќе продолжиме континуирано да ги подобруваме условите за вработените.

Во тек е реконструкција на неколку објекти, како што Одделот за граѓански работи во МТВ, Центарот за обука Идризово, како и градба на Полициска станица Аеродром, а годинва е планирана и набавка на возила исклучиво за оперативното работење на полицијата, со цел зголемување на нејзината ефикасност.

Спасовски

Ќе има ли зголемување на плататите на вработените во МВР и ќе се применат ли некои мерки во согласност на Колективниот договор?

– Оваа година веќе е обезбедено зголемување на платата за 5% на сите вработени во МВР, а обезбедени се и средства за бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2021 година. Со платата за месец февруари, пак, за првпат 1.008 колеги во МВР ќе земат надомест за домашно дежурство за месец јануари 2022, за што се обезбедени 1.400.000 денари, што е дел од новиот Колективен договор помеѓу Министерството за внатрешни работи и репрезентативниот Македонски полициски синдикат.

Кои се придобивките од предлог – законот за измена на Закон за МВР и Закон за полиција?

– Токму така, реформите во МВР продолжуваат и преку  предложените законски измени на Законот за внатрешни работи и Законот за полиција, кои се во собраниска процедура, а се на иста линија со Препораките содржани во Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија. Со  воведување на тестот за интегритет, комплетна деполитизација на полицијата, воведување децидна обврска за пријавување имот и интереси, како и обезбедување на оперативна независност на полицијата се дел од новините со кои се овозможува уште поголема ефикасност на полицијата и подобри резултати во полза на граѓаните.

Сега, кога МВР го поставивме на здрави, стабилни основи, продолжуваме со нов ентузијазам онаму каде што застанавме – во посветена изградба на силна институција, која ќе го гарантира редот, мирот и владеењето на законите, како и на етаблирање на полицијата како гарант за заштита на законитоста, како квалитетен сервис на граѓаните. Дури и ќе го засилиме темпото на реформите, за кои добивме признание и од нашите меѓународни партнери, а нашата цел е полиција секогаш подготвена да застане на првите линии во зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, во одлучната и неселективна борба со организираниот криминал и корупција , полиција со која можеме да претендираме на уште подобри резултати во работењето во полза на сите граѓани на Република Северна Македонија.

M.A.

Слични содржини