Првиот човек на македонската полиција Оливер Спасовски информираше дека дел од лажните дојави за бомби се праќаат од надвор, поточно од Хрватска, Швајцарија, преку креирани виртуелни мејлови.
-Инаку, истрагата е многу комплексна не само заради тоа што учествуваат многу оддели од МВР – Одделото за борба против организиран криминал, за антитероризам , Одделот за кибер-безбедност, форензика. Сето тоа е ставено во функција. Меѓутоа истрагата е сложена затоа што ги утврдуваме ај-пи адресите од каде доаѓаат, дали се обични ај-пи адреси. Се праќаат претежно од надвор, преку ви-пи-ен адреси, рече Спасовски во емисијата „24 анализа“.
Тој додаде дека важно е да се сочува мирниот пристап на сите и покрај вознемиреноста и несигурноста и повика да не се политизира овој случај.
-Ваквите напади не се изолиран случај само во Северна Македонија. Вакви напади има и во САД и во други земји-членки на НАТО и ЕУ, рече Спасовски.
Карактеристично за заканите, информира Спасовски, е што појавуваат најчесто во среда, четврток и петок, во една смена кога има одредени класови и наставници.
Вчера беше осми ден како пристигнаа заканувачки мејлови на електронските адреси на повеќе средни училишта во Скопје. Сите досега беа утврдени како лажни.