Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во гостувањето во емисијата „10 минути“ на ТВ 21, на прашањето за дојавите за бомби и дали има најави дека ќе продолжат, истакна дека денешниот ден е уште еден доказ дека станува збор за хибридни напади, кои не случајно се појавија повторно кога се наближува од висок ризик.
„Истрагата е брза, меѓутоа за да биде конечна мора да имате обезбедено факти и докази. За два дена во Скопје се откри оној кој што ги праќаше дојавите. Го имаме откриено сторителот за дојавите во Кавадарци, за Делчево… “, објасни тој.
На прашањето, во предвечерјето на големиот ден 4 февруари – денот на раѓањето на Гоце Делчев кој ќе може или нема да може да влезе во државава, Спасовски нагласи дека сите подготовки се завршени и веќе се постапува по безбедносните планови и протоколи што се однесува до организацијата.
„Се процени дека настанот е од висок ризик, поради тоа што имаше делување на радикални структури од Бугарија, секако поддржани од радикални структури овде, во Северна Македонија. И тоа ги зголеми тензиите до степен да се создава вознемиреност кај граѓаните. Затоа се преземаат и низа на мерки кои, пред сѐ, ќе гарантираат стабилност, зачувување на јавниот ред и мир и најважно достоинствено празнување и чествување на ликот и делото на македонскиот револуционер и великан Гоце Делчев. Имаме најави за одредена бројка луѓе кои што би сакале да присуствуваат, меѓутоа ќе видиме дали тие најави ќе бидат остварени, затоа што најавите беа дека ќе имаме од 100 -150 лица, кои сега се намалуваат, па на крајот ќе видиме конечно“, рече Спасовски, додавајќи дека секој еден кој што ја навредува македонската држава, македонскиот народ нема да му биде дозволено да присуствува на свеченоста.