Спасовски: Детектирана е криминална група во однос на лажните дојави за бомби

од Stefanija Kuzmanovska
247 прегледи

Во интервју за Радио Слободна Европа, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на прашање во врска со придобивките од новите Протоколи за постапување по дојавите за експлозивни направи по електронски пат, истакна дека последната кривична пријава во врска со овие лажни дојави е поднесена на 22.03.2023, против еден малолетник, како и тоа дека практично е навлезено во една група лица коишто учествувале во испраќањето на дојавите по електронски пат.

„Ние сме во позиција во која за многу скоро време целата таа група ќе биде комплетно разоткриена“, рече министерот Спасовски, додавајќи дека во однос на направените промени во делот на протоколите за постапување најважно беше безбедноста на граѓаните, учениците, наставниот кадар да биде на највисоко можно ниво.

Тој објасни дека промената на протоколите во никој случај не подразбира неинформирање на јавноста или непостапување по однос на дојавите, туку станува збор за проценка и менаџирање на ризици.

„Факт е дека се бараше да имаме нови протоколи заради тоа што е многу важно да се цени релевантноста на дојавите, посебно на дојавите кои доаѓаат по пат на електронска пошта. Имаме низок, среден и висок степен на ризик кој го ценат службите кои се занимаваат со борбата против тероризмот. За волја на вистината, со новите протоколи ние три пати добивме некакви дојави кои се однесуваат на експлозивни средства, но сето ова е во далеку намален обем. Граѓаните може да бидат спокојни, и наставниците – тоа ни беше најважно, безбедноста да е на највисоко ниво и процесот на образование да тече непречено“, нагласи министерот за внатрешни работи.

Министерот Спасовски се осврна на квалитетната подготовка која беше неопходна за да се пристапи кон менување на протоколите.

„Знаете и сами дека старите протоколи предвидуваа во секој еден случај да имаме реакција која значеше евакуација на децата, заштита на безбедносниот периметар и сл. Сега истото тоа се прави врз основа на дојавите, меѓутоа со протоколи кои се сменети. Зошто ни требаше повеќе време за тоа? Да ги видиме праксите, да заседава Советот за координација на безбедносните служби, за да може Оперативниот тим кој се формираше да изработи предлог вакви мерки, да се достават до МВР, да се изработи целиот тој пакет протоколи и тие да бидат донесени“, појасни министерот Спасовски, додавајќи дека новите протоколи донесоа и евидентни резултати.

„Индикативно е како од моментот на донесување на новите протколи, од утредента имаме сериозно намалување или престанување на дојавите. Тоа укажува дека интензивно се работеше, не само кон подготовка на процедурата, туку и во делот на истрагите, и ние практично ја детектиравме таа криминална група која се занимаваше со вакви дојави, и тоа за голем дел од дојавите, за поголем временски период и за повеќе институции во кои беа примени дојавите. Интензивната работа на МВР и другите безбедносни служби придонесе целата оваа ситуација да е на ниво коешто сите ние го посакуваме, а притоа да бидат безбедни сите граѓани“, подвлече министерот Спасовски.

Слични содржини