Спасовски: Девет пријави за организирана прослава по викендици и станови

од Nikola Popovski
226 прегледи

Според министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски новогодишната ноќ на територијата на државата поминала мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир, а на бесплатниот телефонски број во последното деноноќие биле регистрирани 22 јавувања од граѓани и девет пријави за организирана прослава по викенд-куќи и станбени објекти.

„Сакам да се заблагодарам на сите граѓани, на медиумите, на сите полициски службеници кои работеа цела новогодишна ноќ на зачувување на јавен ред и мир и на спроведување контроли, благодарност до сите лекари и медицински персонал коишто дежураа и работеа на зачувување на здравјето и животот на граѓаните, на противпожарните служби, комуналните служби, сите оние кои допринесоа да имаме мирна и безбедна новогодишна ноќ“, изјави Спасовски при денешната посета на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, која ја реализираше заедно со заменик на претседателот за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

Неодамна, посочи, промовирана е и набавката на пет пловни полициски објекти за зголемување на ефикасноста на езерската полиција и тие набавки се по повеќе од 30 години.

Спасовски посочи дека се врши и набавка на униформи и опрема за полициските службеници, а веќе е исплатена бонус-платата за 2017 година, а годинава ќе биде исплатен бонус плата за 2018 и 2020 година.