501
Домашната платежна картичка „Купувам домашно“ ќе ја добијат 324.479 граѓани, 28 милиони евра пари за граѓаните, наменети за купување домашни производи и услуги за рестартирање на македонската економија, информираше на својот Фејсбук профил премиерот Оливер Спасовски.
Спасовски вели дека корисниците ќе ја добијат платежната картичка едноставно и без постапки за аплицирање.
-Листата на граѓани на кои им следи финансиска поддршка e објавена на страната www.kupuvamdomasno.gov.mk. Со внесување на својот ЕМБГ секој граѓанин ќе може да го провери износот кој му следи и да добие информација за банката издавач која ќе му ја издаде картичката. Банките ќе ја доставуваат картичката до адресата на корисникот на финансиска поддршка, или лицето ќе може да ја подигне во банка. Банките оваа информација ќе ја објават на својата веб-страна и ќе исконтактираат во јавност.
Корисници на Домашната платежна картичка се граѓани со низок доход, односно 115.927 лица – приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во АВРСМ до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 180.000 ден во 2019 и нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април 2020 согласно евиденцијата на УЈП. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка.
Корисници се и вработени со низок доход кои се 117.144 лица и тие ќе добијат 3.000 денари еднократно. Ова се лица кои се во работен однос и кои за периодот јануари- април 2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. Тие ќе добијат и ваучер за домашен туризам од 6.000 денари преку мерката за јакнење на домашниот туризам на Министерство за економија.
Домашна картичка добиваат млади лица чиј број изнесува 87.014 кои ќе добијат еднократно 3.000 денари. Станува збор за лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.
Домашна картичка ќе добијат и 4394 здравствени работници ангажирани во справување со КОВИД-19, кои ќе добијат 40 отсто од последната основна нето-плата. Станува збор за вработени во ЈЗУ, Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, Центри за јавно здравје, Итна помош, инфективните одделенија и вработени во други одделенија ангажирани за тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од КОВИД-19.
Домашната платежна картичка е дел од третиот сет економски мерки кои имаат за цел да ја заживеат економијата во фазата на нејзино постепено реотварање и креирање на нова развојна македонска економија, напиша Спасовски.