Спасовски: Државата има сериозен пристап кон хибридните закани

од Nikola Popovski
158 прегледи

Од денешен аспект, со сигурност можам да констатирам дека безбедносната ситуација во државата е стабилна, а МВР успешно ја врши својата работа да ја гарантира безбедноста на секој граѓанин во нашата држава. Денеска Република Северна Македонија е во позиција да ги користи научените лекции, да соработува, како и да придонесува во сите релевантни активности на ЕУ и НАТО поврзани со хибридните закани. Секако дека нашата држава, како земја членка на НАТО има и обврска за сериозен пристап кон овие напади согласно НАТО стратегијата за справување со сајбер нападите и тоа го правиме, па на ниво на држава формиравме и Национален совет за сајбер безбедност, според најновите НАТО стандарди, составен од членови од повеќе релевантни институции во Република Северна Македонија, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на 11. Сесија на Работна група – 4, Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) во организација на Национална Конвенција на Европската Унија во Република Северна Македонија, на тема „Зајакнување на отпорноста и подобрување на капацитетите за одговор на хибридните закани”.

Спасовски, меѓу другото, додал дека во моментот во Република Северна Македонија се имплементира Националната стратегија за сајбер безбедност 2018-2022 година, која е развиена во согласност со Стратегијата за сајбер безбедност на ЕУ и Политиката и Заложбата за сајбер безбедност на НАТО за обезбедување на сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување, во корист на граѓаните, бизнисите и јавната администрација.

Државната секретарка при МВР, Магдалена Несторовска истакна дека целта со дискусиите на ваквите сесии, вклучително и оваа е да се дефинира степенот на отпорност на институциите на ваквите закани, да се подигне свеста дека наша обврска е да ги предвидиме ваквите и други слични ризиците, да ги детектираме евентуалните гапови во нормативната регулација, на стратешко но и на оперативно ниво.

Заменик министерката за здравство, Марина Манолева ги потенцираше важните аспекти на хибридните закани, нивното влијание на електронското здравство и здравствениот систем во целина.

„Во контекстот на здравствениот систем, хибридните напади  претставуваат актуелна закана која може да се одрази на достапноста на медицинските услуги, безбедноста на медицинските податоци, целосноста на информациите и приватноста на пациентите. Сведоци сме на неодамнешниот сајбер напад на Фондот за здравствено осигурување кој предизвика делумен застој во остварување на исплатите за здравствените услуги. Важноста на електронските здравствени системи ги издигнува на ниво на критична информациска инфраструктура, чија заштита е потребно да биде на највисоко ниво, а соодветно потребни се и механизми за справување со кризите кои можат да произлезат од хибридните напади”, рече Манолева, додавајќи дека за да се бориме со овие закани мора да се разгледаат клучните области едукација и подигнувањето на свеста кај корисниците, техничките и превентивните мерки, имањето јасни и стандардизирани политики и процедури, како и етички принципи, и секако соработка и споделување информации.

Слични содржини