Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во негово лично име и во името на МВР го честиташе јубилејот „30 години Армија” и 18 Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија, и се заблагодари за досегашниот ангажман во одбрана на територијалниот интегритет и независноста на државата, со срдечни желби за континуиран напредок и успех.
„Храброст, посветеност, професионализам – одлики кои припадниците на нашата Армија ги акумулираа во тридецениското постоење и работење на Армијата, на жените и мажите војници кои низ годините бескомпромисно ги демонстрираа овие вредности во одбрана на татковината.
Првиот партизански одред, баталјонот „Мирче Ацев” од 1943 година служеше како патоказ за зачеток и развој на нашата Армија, за сигурен пат до целта – членството во НАТО, како дел од системот за колективна одбрана и конечно, како фактор за мир и стабилност во регионот.

Нашата Армија, рамо до рамо со полициските службеници, пожарникарите, медицинскиот персонал и солидарните и општествено одговорни граѓани, е секогаш во првите редови, во кризни ситуации и вонредни состојби, за што упатувам посебно признание за вашиот севкупен придонес за сигурна иднина за сегашните и сите идни генерации.
Нека е честит јубилејот 30 години Армија и за многу години Денот на Армијата на Република Северна Македонија – 18 Август!“, сподели тој.