Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со висока делегација од Министерството за внатрешни работи, како и со претседателот на Владата на Република Северна Македониja, Димитар Ковачевски и Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, по повод Денот на ослободување на Скопје присуствуваа на промоција на 78-от реконструиран објект на Министерството за внатрешни работи – Единицата на Внатрешни Работи Гази Баба, при СВР Скопје.
„Дозволете ми најпрво во свое име и во име на Министерството за внатрешни работи на сите скопјани да им го честитам 13. ноември, Денот на ослободувањето на градот Скопје, а убавиот празничен повод денеска го искористивме заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија г. Димитар Ковачевски, раководството на МВР и претставниците на локалната самоуправа на општината Гази Баба на чело со градоначалникот г. Бобан Стефковски, да бидеме сведоци на уште еден реализиран проект на Министерството за внатрешни работи, целосната реконструкција и санација на објектот на Единицата за внатрешни работи Гази Баба при СВР Скопје. Со посебно задоволство би сакал да потенцирам дека за една година успеавме целосно инфраструктурно да го реконструираме и санираме, објектот на ЕВР Гази Баба во сите суштински сегменти, притоа запазувајќи ги сите современи градежни стандарди, вклучително и стандардите за енергетска и еколошка ефикасност и заштита. За таа цел исклучиво со средства од буџетот на министерството, како што впрочем е наша пракса во сиве овие години наназад, беа издвоени околу 27 милиони денари, со што денес ја надополнуваме листата на реконструирани, санирани или новоизградени објекти на министерството од 2017 година наваму за уште еден објект, односно вкупно 78 објекти“, кажа Спасовски.
Во периодот пред нас продолжуваме со планот на материјално-техничко подобрување на условите за работа на сите наши организациони единици, најави министерот.