Спасовски и Поклукар: Ги зајакнуваме капацитетите на Одделот за воздухопловни единици на МВР

од Radmila Tasevska
268 прегледи

Со словенечка донација од резервни делови и компоненти за леталата ќе се јакнат капацитетите на Одделот за воздухопловни единици на МВР. За таа намена денеска во Љубљана министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и неговиот словенечки колега Боштјан Поклукар потпишаа Меморандум за обезбедување развојна помош помеѓу МВР на Република Северна Македонија и МВР на Словенија за Одделот за воздухопловни единици.

Целта на донацијата е јакнење на капацитетите на Одделот за воздухопловни единици за извршување на секојдневните полициски задачи, вклучително и задачите за спасување на луѓе, а е со проценета вредност од над 270.000 евра.

-Меморандумот за соработка претставува значајна помош за функционирањето на Одделот за воздухопловни единици од аспект на достапност на делови и хеликоптерски платформи кои ќе овозможат Одделот да продолжи да ги користи хеликоптерите, а воедно и ќе се здобие со нови оспособувања со оглед на медицинските пакети кои ќе бидат дел од помошта, рече Спасовски на прес-конференција по потпишувањето на меморандумот.

Истакнувајќи ја упатеноста на меѓусебна соработка и заедничкиот интерес за големи резултати и голем бенефит од ваквата соработка, што е еднакво важно за двете држави и за регионот, Спасовски заклучи дека таа соработка особено треба да биде интензивирана во делот на билатералната и оперативната меѓународна соработка со МВР на Република Словенија, на полето на организираниот криминал, во борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, трговијата со дрога и справувањето со илегалната миграција.

-Во оваа прилика изразувам благодарност до министерот Поклукар и до неговиот тим за позитивниот одговор на нашето официјално писмо испратено до нив, во кое побаравме поддршка за Одделот за воздухопловни единици во форма на донација на хеликоптерски делови, кое денеска го заокруживме со потпишување на Меморандумот, рече Спасовски.

Тој го истакна својот предлог за реактуелизирање на преговорите, а понатаму и потпишувањето и ефектуирање на Меморандумот за соработка во областа на заеднички обуки, кој, како што кажа, дополнително ќе ги зајакне капацитетите на полициските службеници и ќе придонесе и кон меѓусебното вмрежување и размена на искуства.

-Оваа средба ќе придонесе кон натамошно продлабочување и унапредување на провереното партнерство, со нови предлози и идеи од интерес на двете министерства и двете држави, рече Спасовски и ја потенцира досегашната пријателска и искрена соработка

Министерот Поклукар како одлична иницијатива за продлабочување на постојната одлична соработка меѓу двете министерства го оцени предлогот за реактуелизација на Меморандумот за заеднички обуки и во целост го поддржа. Воедно, тој ја потврди цврстата поддршка на земјава на патот кон ЕУ.

Слични содржини