Мандатарот на новата Влада Емил Димитриев вечерва до Собранието на Република Македонија достави Предлог за работа на новата Влада и Предлог состав на Владата.

Спроведување на изборите на пратеници, како што стои во текстот, ќе се темели на Уставот на Република Македонија и Изборниот законик, како и имплементација на стандардите на ОБСЕ/ОДИХР и на Европската комисија.
– Со цел успешно спроведување на изборите за пратеници, Владата ќе остварува целосна соработка со Државната изборна комисија, Канцеларијата на Народниот правобранител, набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и сите останати релевантни чинители, во насока на промовирање доверба во изборниот процес со цел создавање услови за одржување фер и демократски избори, кои ќе ја отсликуваат избирачката волја на граѓаните на Република Македонија, се посочува во Предлогот.
Со цел задржување на континуитетот во работата на претходниот состав на Владата на Република Македонија, Владата на Република Македонија ќе остане на утврдениот курс за остварување на Програмата на Владата избрана од Собранието на Република Македонија на 19 јуни 2014 година.
Од овие причини, се наведува меѓу другото, остануваат стратешките приоритети дефинирани во Програмата на Владата од 2014 година и тоа зголемување на економскиот раст и вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот, интеграција на Република Македонија во Европската унија и НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото, одржување добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување и спроведување на Охридскиот рамковен договор и инвестирање во образование, иновации и информатичка технологија, како клучни елементи за креирање општество базирано на знаење.
Димитриев го предлага, согласно договорот од Пржино, актуелниот состав на Владата, вклучувајќи ги и министрите предложени од опозицијата Оливер Спасовски за внатрешни работи и Фросина Ременски – Ташевска за труд и социјална политика.
За министер за одбрана е предложен Зоран Јолевски, за министер за правда Аднан Јашари, за надворешни работи Никола Поповски, за финансии Зоран Ставрески, за економија Беким Незири, за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, за здравство Никола Тодоров, за образование и наука Абдилаќим Адеми, за министер за локална самоуправа Љирим Шабани, за култура Елизабета Канческа Милевска, за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска, за транспорт и врски Владо Мисајловски и за животна средина Нурхан Изаири.
За министри без ресор се предложени Владимир Пешевски, Фатмир Бесими, Муса Џафери, Фуркан Чако, Неждет Мустафа, Веле Самак, Бил Павлески, Џери Наумоф и Горан Мицковски.