Првиот човек на македонската полиција, Оливер Спасовски истакна дека борбата со тероризмот, како и со миграцијата и сајбер-криминалот, ќе биде долготрајна и нема да заврши денеска.
-Во 2015 година ги спроведовме во делот на борбата против тероризмот и првите почетоци на формирање на институциите за борба против тероризмот. Тоа беше во насока да се стават сите безбедносни институции во сиот свој капацитет, за да се превенираат активностите. Во тие активности имаме разбиено неколку организирани групи кои што претставувале опасност во делот на тероризмот. Последниот случај беше активност на МВР заедно со Агенцијата за национална безбедност, која ја спроведовме со француските власти, бидејќи едно од лицата претстојуваше во Република Франција, затоа што учествувале и соработувале со странски војски. Институциите ќе бидат будни за безбедноста и спокојот на граѓаните останат на највисоко ниво, кажа Спасовски во вестите на Тв Канал 5, како одговор на прашањето дали има опасност по безбедноста на државата од повратниците кои биле дел од ИСИС и останатите странски војски.