Спасовски: Лично немам проблем да се продолжи рокот за личните документи, но обврската е преземена од Преспанскиот договор

од Nikola Popovski
814 прегледи

Сега е време на избори и секој цени дека треба да даде соодветни изјави. Јас не би навлегувал во никакви конфронтации. Роковите не се утврдуваат на Влада, туку со закон. Самиот факт што го изнесе и претседателот, дека има потреба да се промени Законот за лични карти за да се продолжи рокот, апсолутно не е така, бидејќи Законот не бил воопшто никогаш сменет за да може да се продолжува рокот, изјави синоќа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски коментирајќи ја изјавата на шефот на државата Стево Пендаровски, во однос на рокот за промена на личните документи.

Тој лично нема никаков проблем дали да се продолжи рокот.

-Ако Собранието одлучи дека тоа треба да се направи, треба да се направи, но во исто време треба да им се каже на граѓаните дека обврската е преземена од Преспанскиот договор кој по 12 февруари ќе даде друга димензија, истакна Спасовски во гостувањето на емисијата „Клик плус“.

Владата на седница ќе разгледува дали може да се продолжи рокот за вадење нови лични документи, како што предложи претседателот Стево Пендаровски. Од Кабинетот на Пендаровски велат дека тој е подготвен да се вклучи во комуникација со грчката страна за прашањата од Преспанскиот договор.

Пасошите и возачките граѓаните сепак ќе треба да ги променат и според министерот, Бујар Османи, ова е обврска што произлегува од Преспанскиот договор, којшто е меѓународен.

-Нема да давам лажна надеж, невозможна мисија е документите да важат по 13-ти февруари, кажа тој. Шефот на дипломатијата ги поби очекувањата на граѓаните кои се надеваа дека патните исправи и личните карти ќе им важат и по истекот на рокот. Но, неговото тврдење е и спротивно на изјавите на премиерот Ковачевски, кој очекуваше од претседателот Пендаровски да интервенира за оваа обврска да се пролонгира.

Изминатиот месец, откако е отворен пунктот „Пролет“, граѓаните со часови на минусни температури чекаат да се фотографираат за лични документи. Метеж, револт и караници е сликата и на шалтерите за подигнување на документите.

Во тек е и замената на пасошите во дијаспората. Интересот голем. Отворени се нови пунктови кои ќе се екипираат со дополнителен кадар задолжен за фотографирање. Процедурите за издавање пасоши таму траат со месеци. Како ќе се постапува по 12-ти февруари, шефот на дипломатијата Османи вели-МНР, МВР и Транспорт почнаа со меѓуинституционална координација.

Поради неусогласеност на Законот за лични карти, овој документ ќе може да се употребува, но само во земјава. Од МВР информираа дека досега издадени се 1.050.439 лични карти, 1.211.776 пасоши, 546.741 возачки дозволи.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставен за измени на членот од законот и истовремено предупредува дека наскоро ќе нема ни обрасци за изготвување на документите.

Слични содржини