Спасовски: Министерскиот самит на ОБСЕ е голем настан и признание за С. Македонија, безбедноста е подигната на трето ниво

од Nikola Popovski
238 прегледи

Нивото на безбедност во Скопје, поради претстојниот Самит на ОБСЕ, е подигнато на високо ниво, ставени се на располагање сите капацитети на МВР и се ќе се одвива во најдобар можен ред, вели министерот за внатрешни работи , Оливер Спасовски во интервју за „Косово онлајн“.

Тој посочил дека министерскиот самит на ОБСЕ е голем настан и признание за Северна Македонија, за сето она што беше направено минатата година за време на претседавањето на Скопје со организацијата, поради што бара голем ангажман и посветеност.

Тој посочува дека во изминатите 12 месеци, но и од своето постоење како независна држава, Северна Македонија покажала дека може да се постигнат резултати преку дијалог.

„Македонија на најдобар начин пристапи кон решавање на споровите со Грција и Бугарија, постигнавме договор за признавање на Македонската православна црква. Сето ова покажува дека постои висок кредибилитет, висок степен на демократски вредности кои се присутни во Северна Македонија и Самитот на ОБСЕ е само дополнително признание за сите нас“, рече Спасовски.

Тој очекува Самитот да се одвива во најдобар можен ред.

„Верувам дека ќе се остварат сите очекувања што ни беа поставени и дека на крајот ќе имаме заклучок кој уште еднаш ќе ја покаже силата на Северна Македонија“, додаде Спасовски.

На прашањето какви мерки се преземени за обезбедување на учесниците на собирот, тој информирал дека безбедноста е подигната на трето ниво.

„Пристигнување најавија околу 70 делегации, вкупно околу 1.000 луѓе кои ќе учествуваат на Самитот, а шефови на делегациите се претежно министри за надворешни работи. Нивото на безбедност е подигнато на високо ниво“, напоменал тој.

Министерот истакнувал дека МВР ги ставило на располагање сите свои капацитети, вклучително и униформираната полиција, Секторот за заштита на лица и предмети, Секторот за специјални полициски операции, Единицата за воздухопловство…

„Има широк спектар на полициски службеници кои се задолжени за безбедноста на учесниците, бидејќи најважно е се да оди на најдобар можен начин и да се зачува јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните на Северна Македонија“, потенцира Спасовски.

Слични содржини