Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска испрати порака до сите „политички субјекти“ да бидат одговорни во однос на чествувањето од годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4-ти февруари во црквата „Св. Спас“, упатувајќи апел до граѓаните да не потпаѓаат на ниту една провокација и да не преземаат одговорност, што е во надлежност на институциите.
„Институциите се обврзани да преземат мерки. Разните патриотски здруженија, институти и сл. да се откажат од екстремната реторика. Никој во оваа држава нема да смее да застане над неа“, рече Спасовски.
Пред неколку дена од Патриотскиот институт на опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе организираат „стража“ на гробот на Гоце Делчев и ги повикаа граѓаните да им се придружат.
По вчерашната средба со министерот за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев, која Спасовски ја оцени како исклучително добра, тој повторно рече дека „двете министерства за внатрешни работи ќе направат се што е потребно за да нема место за радикалите кои сакаат да ги нарушат односите меѓу двете страни”.
„Мораме да ја деескалираме состојбата што неодговорните политичари, групи и поединци сакаат да ја влошат. Ова е основа за секое идно партнерство што треба да го имаме и на средбата беше изразен јасен став дека добриот однос меѓу двете земји е важен за целиот регион. Нема да дозволиме никаква ескалација, инцидент или понижување на македонскиот народ и држава од никого“, посочи Спасовски.