Спасовски му посака долг живот на Мицкоски откако лидерот на опозицијата му порача дека „нема да има мир додека сум жив“

од Nikola Popovski

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски му посака долг живот на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Ова следува откако претходно првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ во едно телевизиско интервју порача дека „Спасовски нема да има мир додека јас сум жив“.

-Додека е он жив или јас? Изјавата беше дека нема да имам мир додека е он жив и јас му посакувам долг живот, рече денеска Спасовски по работната средба со раководствата на секторите за внатрешни работи Куманово, Тетово и регионалниот центар Север.

Претходно Мицкоски истакна дека од Спасовски со месеци наназад бараат оставка.

-Му се случија криминалци белосветски да добиваат пасоши, му се случија скандали како на никој министер за внатрешни работи во историјата на Македонија и нему око не му трепна. Напротив, тој со овој полусвет живееше, стимулираше и мислеше дека ако ја напаѓа опозицијата преку овој полусвет и мене лично и моето семејство дека на тој начин ќе обезбеди мир за себе, но нема да обезбеди мир додека сум јас жив. Нема да обезбедат мир сите овие кои се виновни за смртта на малата Вања, рече првиот човек на опозицијата.

Слични содржини