Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска одговораше на прашање во врска со говорот на омраза.
-Ако ги погледнеме пријавите и постапувањето, ќе видиме дека најголем дел од нив се однесуваат на кривични дела кои се направени преку платформите и социјалните мрежи, по електронски пат. Треба да се посвети поголемо внимание, важен е и образовниот процес, граѓанскиот сектор. Сите заеднички треба да настапиме за да ги решиме овие проблеми и да имаме ефикасен резултат. Најголем дел од лицата што употребуваат говор на омраза, самите не се свесни дека тоа го прават, да не зборуваме и за припадници на администрацијата и полицијата, на кои им требаат обуки, за да се препознаат ваквите дела. Јавното обвинителство ги води истрагите. Важен е и судскиот систем. ако една од овие алки се прекине во овој синџир, не доаѓаме до посакуваниот резултат и довербата во институциите паѓа. Не е доволно само да се покрене постапка, туку да го видиме и крајниот ефект, рече Спасовски како одговор на пратеничко прашање во Собранието, поставено од пратеничката и лидерка на ДОМ, Маја Морачанин.
Министерот појасни дека голем дел од граѓаните препознаваат и пријавуваат.
-Оваа година за ширење на расистички и ксенофобичен материјал имаме 8 кривични дела и 8 сторители. За предизвикување на омраза врз основа на верска основа, оваа година не сме имале таква пријава и сторител. Во овој период немало такви пријави, што не значи дека се намалува говорот на омраза. За ЛГБТ заедницата имаме повеќе говор на омраза и закани, дури и едно кривично дело лихварство, кажа Спасовски.
Министерот вели дека мора да се признае дека за припадниците на ЛГБТ заедницата има малку повеќе говор на омраза и закани кон нив, а регистрирано е дури и едно кривично дело лихварство за што станало збор на средба на која биле Спасовски и Морачанин.
Од јануари 2020 година до мај 2022 на подрачјето на СВР Скопје и во СВР Тетово регистрирани се осум настани поврзани со ЛГБТ заедницата, четири од овие настани се целосно расчистени.