Спасовски: Последните лажни дојави за бомби се испратени од IP-адреси од Иран и Русија

од Nikola Popovski

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информира дека од петокот донел посебно упатство за случаите со дојавите за бомби во училиштата. Тој потенцира дека интензивно работат на откривање на сторителите.

-Сега веќе имаме една изолирана поголема група со која што работиме. Очекувам во наредниот период ќе имаме конкретни и ефикасни резултати. Дојавите за бомби се на територија и на Црна Гора, Србија, Хрватска, БиХ, Германија, САД, Нов Зеланд. Генерално, за последните неколку дојави, можам да констатирам дека мејловите кои се испратени водат до IP адреси од Иран, Русија, како и VPN адреси чии провајдери се, исто така, од овие држави. Интересно е што уплатите за VPN услуги се извршени со крипто валути, што уште повеќе ја отежнува таа откривачка дејност, изјави Спасовски во емисијата „Студио 10“.

Министерот потенцира во следниот период ќе споделат повеќе информации со јавноста.

-Се зависи од истражните дејствија и вештачењата. Имаме соработка со Основното јавно обвинителство, рече Спасовски и посочи дека ова се хибридни закани:

-Едно се хибридни закани и второ се хибридните напади. Ова се хибридни закани со лажните дојави. Хибридните напади ни се случуваат врз институциите како нападот врз ФЗОМ и Бирото за јавни набавки. Факт е дека сите тие се лажни дојави и сакаат да предизвикаат страв и паника.

Слични содржини