Спасовски: Предлог-буџетот на МВР за следната година е 182.7 милиони евра

од Nikola Popovski
118 прегледи

„Темелот на нашиот безбедносен систем е добро подготвена и добро опремена полиција, и затоа Владата на Република Северна Македонија за 2023 година, буџетот на Министерството за внатрешни работи го зголемува за 6%. Предлог буџетот на МВР за следната година е 182.7 милиони евра. Како Влада создаваме ефикасна, одговорна и модерна полиција, чувар на редот и законот и чувар на демократијата, затоа и годинава што е пред нас , без разлика на предизвиците кои ги наметнува енергетската и економската криза, нема да запреме со редовна исплата на плати и бонуси на полицајците, со купување нова опрема, нови средства за работа, а ќе продолжат и инвестициите во реновирање и реконструкција на објектите каде работат полициските службеници и останатите служби на МВР“, истакна претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на прес-конференцијата посветена на предлог Буџетот на МВР за 2023, која се одржа денеска во владиниот Медија центар, а на која учествуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Премиерот Ковачевски подвлече дека, имајќи го предвид стремежот и активностите на Владата за што побрзо членство на Северна Македонија во ЕУ, заедничка обврска е секој полицаец да се почувствува уште поценет во општетството, со подбри шанси за квалитетен живот, но и поквалитетни услови за работа, налик на европските стандарди. Оттука, како што посочи Ковачевски, во предлог буџетот на МВР за 2023, меѓу другото, издвоени се средства за обуки и едукации на полицијата и стручни усовршувања во земјата и во странство, за уште подобри и поуспешни резултати во работењето.

„Морам да истакнам дека особено е важно што МВР е отворена за нови сили на млади кадри кои секако ќе придонесат за понатамошен развој на професионалниот интегритет на полицијата. Затоа новите кандидати за полицајци, се трудиме уште на почетокот да ги направиме мотивирани, па во предлог Буџетот предвидени се средства за набавка на униформи за новите кадети за полициски службеници“, рече Ковачевски, додавајќи дека полицијата работи 24 часа 7 дена во неделата и од исклучителна важност се и условите во кои ги врши своите работни задачи.

Тоа е причината, според него, што Владата си зема обврска да обезбеди достоинствени работни услови за припадниците на МВР со досега реконструираните и во најголем дел енергетско-ефикасни 78 објекти, кои беа дотраени, бидејќи во претходниот период воопшто не се водело грижа во какви услови работи полицијата.
„Дел од средствата во капиталните расходи се наменети за целосна реконструкција на Центарот за обука Идризово, што ќе претставува инвестирање во една образовна институција. Потоа, би ја споменал и целосната реконструкција на Одделот за граѓански работи – Управните служби на МВР, која практично го претставува лицето на МВР, со оглед на фреквенцијата на граѓани кои во неа ги остваруваат граѓанските правата и должности. За илустрација, годинава низ неа поминале над 913.000 граѓани само за издавање на лични, патни документи и возачки дозволи. Притоа, со реализацијата на оваа реконструкција ќе се добие и полесно пристапен концепт за граѓаните, а со тоа и побрза реализација на бараните услуги. И, веќе најавената изградба на нов објект за Полициската станица Аеродром, димензиониран согласно потребите на општината“, ги презентираше Спасовски главните проекти во капиталните расходи на министерството.

Министерот Спасовски најави дека во скоро време ќе се пушти во употреба новата веќе изградена зграда на Форензичкиот центар која ќе биде најсовремена лабораторија на Балканот, а во предлог Буџетот на МВР се предвидени средства за набавка на најсовремен автоматизиран систем за идентификација на отпечатоци за потребите на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења, во насока на дигитализација на форензичките постапки, што е од интерес не само на институциите за спроведување на законот, туку и на сите граѓани.

„Преку надградбата на системите за видео надзор со веќе модернизираниот видео надзор на објектите на МВР, ќе обезбедиме заокружен систем од современо и функционално техничко решение, кое значително ја олеснува постапката во полициското работење, го зголемува степенот на генералната безбедност во државата, го намалува криминалитетот и ја забрзува постапката за реакција во реално време за службите“, посочи министерот Спасовски, додавајќи дека со буџетот за 2023 проектирани се и средства за бонус плата на вработените за остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2022 година, а планирано е и да се заокружи модернизацијата на последниот хеликоптер од флотата на Хеликоптерска единица за полициски намени.

Слични содржини