Спасовски: Резултатот од 126 илјади гласови е дно

„Нема решение доколку преку медиумите и социјалните мрежи бараме оставки, туку напротив треба сериозна дебата внатре во партијата за тоа што ние сакаме да правиме и каде да се движиме“, додаде Спасовски за состојбите во СДСМ

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Оливер Спасовски

Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски смета дека резултатот од изборите за неговата партија е лош и дека 126 илјади гласови е „дно“ и „би сакал тоа да е дното на кое партијата ќе застане“.

СДСМ, вели тој, претставува една вистинска идеја што има длабоки корени и традиција во македонското општество и секако дека таа идеја мора да опстои.

„Резултатот покажа една друга димензија во која генерално граѓаните на Македонија покажаа негативен став кон партиите и тоа треба серизоно да се разгледа“, рече синоќа Спасовски во интервју на телевизија Алсат.

„Факт е дека ние изгубивме 20 илјади и кусур гласови од претходните избори и факт е дека бројот на градоначалници е сведен на шест. Факт е и тоа дека 60 проценти од граѓаните во Македонија одлучија да не излезат воопшто да гласаат. Тоа покажува разочарување од политичките партии“, додаде пратеникот.

Прашан дали ќе бара оставка или одговорност од лидерот Венко Филипче, Спасовски рече дека во моменти на кандидирање за претседател самиот тој се кандидирал да носи одговорност и за најдобриот резултат и за најлошиот.

„Сепак сметам дека оваа дебата треба да се отвори внатре во рамките на органите и телата на партијата и таму да се кажат ставовите. Нема решение доколку преку медиумите и социјалните мрежи бараме оставки, туку напротив треба сериозна дебата внатре во партијата за тоа што ние сакаме да правиме и каде да се движиме“, додаде меѓу другото членот на СДСМ.