Апелирам до сите граѓани кои сакаат да изразат незадоволство преку протест, да покажат демократски капацитет, заеднички да го сочуваме достоинството на нацијата, а посебен апел до политичките субјекти во државата на одговорен однос, бидејќи тие се задолжени да бидат и најодговорни, се вели во обраќањето на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Повикувам на свесност и одговорност на протестите, бидејќи насилството и нетрпеливоста со ништо не можат да се оправдаат и не го претставуваат вистинското лице на европска Република Северна Македонија, земја членка на НАТО.
Секој напад на полициски службеници или витални објекти, а со тоа и обид за рушење на државата и уставниот поредок ќе биде најстрого санкциониран.
Сите заедно треба да придонесеме кон заедничкиот мир, кон заедничката безбедност и стабилност, да спречиме немири кои би значеле нови поделби на штета на граѓаните и државата“, додава Спасовски.