Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, државната секретарка Магдалена Несторовска и членовите на работната група од Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда имаа работна средба со Делегација на Советот на Европа, предводена од Николаос Ситаропулос – раководител на Одделот за извршување на пресудите на Европскиот Суд за човекови права.
На средбата министерот Спасовски истакна дека членството во ЕУ е стратешка определба на Република Северна Македонија, потенцирајќи дека евидентни се заложбите за постигнување на зацртаните цели во областа на владеењето на правото преку зајакната борба против организираниот криминал, корупцијата, безбедносните реформи, како и реформата на јавната администрација и правосудството, соопшти МВР.
„Во таа насока многу сериозно им пристапивме на забелешките што произлегоа од Пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Трајковски и Чиповски против Република Северна Македонија, направивме детална анализа на Пресудата, по што Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења ги избриша ДНК профилите од Централната збирка со ДНК профили на апликантите и беше уништен биолошкиот материјал“, рече Спасовски.
Спасовски потенцираше дека заради целосно надминување на утврдените повреди и недостатоци, беа направени потребните измени на Законот за полиција.
„Новиот закон пропишува нови електронски евиденции, јасно ги утврдува случаите во кои се бришат податоците кои ги води полицијата и ги дополнува роковите за чување на податоците за новите евиденции на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека во однос на донесувањето на подзаконски акти, формирана е Работна група која изготви предлог текст за изменување на Правилникот за содржината и начинот на водење на евиденциите на полицијата, како и тоа дека правилникот е доставен на мислење во Секретаријатот за законодавство со цел негово донесување. „Работната група работи и на подзаконскиот пропис за бришење на податоците во евиденциите, за која ќе биде потребен подолг период за донесување со оглед на специфичноста на материјата, комплексноста, бројот на евиденциите, како и бројот на организациските единици носители на евиденциите“, истакна Спасовски.
Тој се заблагодари на претставниците на Советот на Европа за посетата и остварената работна средба, со уверување кон делегацијата за нашата посветеноста кон целосна усогласеност со насоките на Европскиот суд за човекови права и заложбата за целосно надминување на утврдените недостатоци во законодавната рамка, се вели во соопштението од МВР.