Денеска се навршуваат шест години од катастрофалните поплави што ги погодија Стајковци, Смилковци, Синѓелиќ и Арачиново, при што животот го загубија 22 наши сограѓани, а беше предизвикана огромна материјална штета, објави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на Фејсбук.
„Се присетуваме на солидарноста и херојството од страна на граѓаните од целата држава, но не може, а да не се присетиме и на причините кои доведоа до ваквите последици – незаинтересираноста на тогашната власт за современа инфраструктура и безбедност на граѓаните“, напиша Спасовски.
Можам со задоволство да кажам дека, подвлекува министерот Спасовски, денес сликата е поинаква, вложивме многу, а придобивките се евидентни за овие скопски места – отворена канцеларија за превенција, асфалтирани улици, чисти речни корита, нова водоводна мрежа, нова градинка во селото Стајковци.
„Рамномерниот регионален развој и инвестирање во локалната инфраструктура се влог за безбедноста на граѓаните! Никогаш да не се заборави и никогаш да не се повтори ваква трагедија!“, напиша Спасовски на Фејсбук.