Спасовски: Со објектите во Ранковце и Старо Нагоричане досега реконструирани 58 објекти

од Берта Китинска
136 прегледи

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заменик министерот Назим Буши и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и градоначалниците на општина Ранковце, Ивица Тошевски и на општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска, денеска ги посетија реконструираните објекти на полициските одделенија Ранковце и Старо Нагоричане.

„Во рамки на стратешките активности за континуирано подобрување на материјално-техничките и инфраструктурни капацитети на македонската полиција, денеска јас и моите соработници, покрај работните средби што ги реализиравме со колегите од Полициското одделение Ранковце и од Полициската канцеларија Старо Нагоричане, имавме можност да направиме и увид во реализираните реконструкциски работи на двата објекта на овие организациони единици при СВР Куманово.

И навистина, со големо задоволство можам да констатирам дека не само што ја намалуваме долгата листа на полициски објекти што ги зацртавме за обновување во изминативе три-четири години, туку и дека Полициското одделение Ранковце и Полициската канцеларија Старо Нагоричане сега добиваат во употреба исклучително квалитетно реновирани објекти, со кои што се подобруваат условите за извршување на секојдневните работни задачи, а кои ќе ги задоволат потребите како на полициските службеници, така и на граѓаните од овие средини“, истакна министерот Спасовски по разгледување на објектите.