На денешната седница на Влада донесовме одлука врз основа на која гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово ќе добие нов училишен објект лоциран во поранешната кумановска касарна, со 120 милиони денари од Владата и Министерството за образование и наука (МОН) со што го решаваме деценискиот проблем на недостаток на соодветен објект за квалитетен воспитно-образовен процес со кој се соочуваат учениците и вработените во ова средно училиште, објави вечерва министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Тој додаде дека за Куманово со измени на програмите за капитални инвестиции на МОН годинава се обезбедуваат и околу 15 милиони денари со кои ќе се реконструира кровот на објектот во кој се лоцирани основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Петков Мисирков“ каде поради дотраеност при неповолни временски услови се попречува наставата.
-Досега како централна власт вложивме 121 милиони евра во Куманово и околината а во делот на образованието инвестиравме во: Три училишни спортски сали, за економско училиште „Перо Наков”, за техничко училиште „Наце Буѓони” и нова спортска сала во 2019 година изградивме во ОУ „Јероним Де Рада” во селото Черкези. Во истите училишта ги реконструиравме покривите, прозори и санитарии, како и во училиштата ОУ „Наим Фрашери”, ОУ „Бајрам Шабани”.
Како Влада, продолжуваме со капитални инвестиции и вложувања во подобри инфраструктурни услови за образование, како еден од врвните приоритети, стои во објавата на Спасовски.