Спасовски со пораки пред конгресот на СДСМ: Фокус на довербата, единството и јакнењето на партијата

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 зборуваше за значењето на претстојниот партиски конгрес, изборниот резултат и насоките во кои, според него, треба да се движи партијата.

од desk4
17 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Оливер Спасовски

„Член сум на Социјалдемократскиот сојуз повеќе од 30 години и идеологијата и вредностите на партијата се основа на моето лично и политичко функционирање.“

Спасовски нагласи дека консолидацијата и јакнењето на СДСМ се директно поврзани со враќањето на довербата кај граѓаните и со стабилноста на државата.

„Јакнењето на СДСМ ќе значи враќање на довербата кај граѓаните, а тоа е добро и за јакнењето на државата.“

Тој потенцираше дека слабеењето на партијата во минатото било проследено со негативни процеси во општеството.

„Факт е дека секогаш кога СДСМ била слаба, се случувале ретроградни процеси во државата.“

Говорејќи за конгресот закажан за 24 јануари, Спасовски истакна дека прв чекор ќе биде детална анализа на изборниот резултат.

„Прво мора искрено да се анализира изборниот резултат, дали слабостите се во политичката платформа, во кадровскиот потенцијал или во организациската структура.“

Според него, само преку отворена и реална анализа може да се дојде до решенија.

„Искрената анализа е предуслов за наоѓање решение и за вистинско јакнење на СДСМ.“

Тој особено ја нагласи важноста на внатрепартиското единство.

„Единството во партијата е клуч не само за СДСМ, туку за секоја политичка партија.“

„Мора да се дојде до можни решенија преку дебата, да се зајакне организациски, да се постави нова политичка платформа и да се изгради коалиционен капацитет.“

Спасовски додаде дека партијата не смее да се откаже од своите луѓе и од оние кои биле дел од нејзините темели.

„СДСМ не смее да се откаже од своите кадри, ниту од оние кои ја основале партијата и ги поставиле темелите на државата.“

„Тие се луѓето кои треба да дадат свој придонес за јаката партија и за иднината на Македонија.“

 

Слични содржини