Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека украинскиот политичар добил позитивна проверка за добивање македонско државјанство од четири институции и оти Владата, која има дискрециско право, донела одлука да му се даде државјанство.
„Добивање државјанство по член 11 од Законот за државјанство, значи не е државјанство кое што го донесува МВР, туку Владата. МВР практично ги прибира сите документи. Станува збор за предмет којшто добил позитивни оцени од четири релевантни институции во државата. На крајот се носи на Влада, Владата има дискрециско право да даде или да одбие државјанство на кој било, којшто аплицирал во овој дел. Сите проверки кои што се од сите четири институиции се позитивни“, наведе Спасовски.
Според него, позитивно мислење за добивање државјанство во конкретниов случај дале Агенцијата за национална безбедност, Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт.
Запрашан за меѓународната потерница по него, рече дека меѓународната потерницата не е само кај нас, односно кога се распишува, се распишува на Интеропол и таа важи за цел свет.
„Јас кажувам какви се документите. Не може да одговараме и да правиме констатации, перцепции во јавноста на шпекулации. Треба да ги правиме врз основа на документи. Документите коишто биле доставени, се направени од релевантни институции и тие биле позитивни. Ако беа негативни ќе ви кажев дека се негативни, меѓутоа се позитивни“, рече Спасовски.