Спасовски: Величењето на воените злосторства е казниво дело од една до пет години затвор

од Nikola Popovski
238 прегледи

Да бидеме јасни, не сме донеле одлука. Постои кривично дело оправдување на геноцид и воени злосторства врз човештвото. Се појавуваат многу коментари на социјалните мрежи и се пласираат одредени ставови, кои се изградени врз одредена пропаганда. Треба да се грижиме за јавниот интерес, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во емисијата „Клик плус“ околу одобрувањето на воените злосторства во Украина на социјалните мрежи.

Спасовски појаснува дека тоа е законска можност според која по пат на информациски систем се оправдува и минимизра кривично дело, секој оној што тоа го прави може да добие казна затвор од една до пет години.

-Не мора да значи дека е само за овој конфликт во Украина. Треба да се крева јавната свест. Величењето на воените злосторства е казниво дело. Не може ова да биде цензура. Нема забрана за пишување, но се она што е кривично дело е кривично дело. Не можеме да влечеме паралела со цензура. Ако по пат на јавен информативен систем некој одобрува, оправдува, минимизира кривични дела врз цивилно население, тоа е кривично дело. Сомнежите се доволна основа за отворање постапки. Колку пати се реагира за говор на омраза. Во општеството тоа може да предизвика огромни последици по мирот на државата. Добро е што институциите се будни и апелираме до граѓаните да не користат таков тип на коментари, наведе Спасовски.

Законот предвидува дека тој што по пат на информационен систем јавно ги негира, грубо ги минимизира, ги одобрува и оправдува ваквите дела ќе се казни со затвор од една до пет години. Ако делото е сторено со намера  за поттикнување омраза, дискриминација или насилство против некое лице или група на лица поради нивната национална, етничка или расна припадност или верска определба, сторителот ќе се казни со казна затвор од најмалку четири години.

Слични содржини