Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа уште еднаш ги оцени лажните дојави за бомби како монструозен чин на хибридни закани и потенцираше дека многу е важен брз и ефикасен одговор на државата со своите партнери.
„Ние ги започнавме опсежно сите истраги во овој дел, вклучени се сите институции коишто се грижат за националната безбедност и, секако, нашите меѓународни партнери. Во неколку правци одат истрагите. Имаме веќе добри сознанија од каде доаѓаат мејловите, на кој начин се испраќаат итн. Секако дека ќе ни треба и меѓународна правна помош за да можеме да ги потврдиме доказите и тоа е клучно кај вакви хибридни напади – да се обезбедат доказите“, истакна Спасовски во емисијата „Патот кон“.
Министерот кажа дека полицијата постапувала по протоколи и притоа привела две лица за кои се утврди дека нивните податоци и адреси биле злоупотребени, по што беа ослободени.
За справување со хибридните закани и сајбер криминалот којшто зема замав и на глобално ниво, министерот Спасовски образложи дека веќе со години преку донесување на Стратегијата за борба со сајбер криминалот, која е во процес и на усогласување со НАТО стандардите, веќе имаме силна основа за ефикасна борба со овој вид криминал кој постојано се усовршува со развојот на информациските технологии.