Спасовски за отказите во МВР: Да се затскрие настанот којшто беше со бомбата во Керамидница и истиот ден да се објави друга вест

од Nikola Popovski
180 прегледи

Единствено логично објаснување на ваква состојба е само да се затскрие настанот којшто беше со бомбата во Керамидница, истиот ден да се објави друга вест, вака вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски за вчерашните откази за 15 полициски функционери поради незаконско издавање дозволи за оружје.

Според Спасовски, апсолутно е недозволено лицата бидат понижени, иако, како што информира, досега не биле ниту казнувани ниту дисциплински гонети.

-Сите се со сертификати, некои од нив имаат и НАТО сертификати и сосема совесно, чесно и одговорно ја вршеле својата работа. Недопустливо е на ваков начин да се врши таков притисок и сеење на страв кај сите вработени во МВР преку ваквите случаи, тврди екс-министерот за внатрешни работи.

Министерот Панче Тошковски информираше дека лицата кои повеќе не се дел од полицијата, не само што давале кај што не треба, туку и лишиле од право на дозвола за оружје лица кои ги исполнувале условите.

-Се констатираше дека огромен број на предмети, преу 5.000 предмети,не било постапувано во минатото. Притоа, голем број на предмети каде апликантите не исполнувале услови согласно закон, им била давана дозвола за да поседуваат дозвола за оружје, рече денеска министерот на прес-конференција.

Комисијата за ревизија која била формирана за да го испита ова, како што кажа министерот, своите наоди ги предала на Одделот за внатрешна контрола на МВР кој, пак, по темелна истрага до Одделот за дисциплински постапки доставил предлог за спроведување на постапки за поголем број лица во Министерството.

Прашан дали ќе се прави ревизија кој сè поседува оружје во државата, министерот за внатрешни работи рече дека и тоа е размислувано како постапка којашто ќе треба да ја спроведеме во иднина.

Слични содржини