Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски вели дека се точни информациите дека поднел оставка од позицијата на координатор на пратеничката група на партијата, во моментите кога требала да се поднесе Резолуцијата до Собранието за спорот со Бугарија и европскиот пат на Македонија. Сепак, вели дека не е точна информацијата дека понудената оставка била поради наводно крило кое сака да прави реформи во партијата.
Екс-министерот бара поголема дебата во СДСМ.
-Не станува збор за некакви кадровски проблеми или распределувања. Ова се дезинформации или некакви полуинформации. Дали имало разговори? Веројатно да, со повеќе пратеници, кажа Спасовски во вестите на Тв Сител околу тоа дали на пратениците од СДСМ им биле нудени места во раководството на СДСМ, но дека биле одбиени таквите понуди.
Спасовски разговарал со лидерот на СДСМ, Венко Филипче за изборните резултати и што треба да се направи во иднина. Пратеникот демантира дека имал средба со сопартиецот и екс-пратеник Дарко Каевски и дека формирале група која ќе лобира за промени на Филипче.
-Апсолутна невистина која веројатно е диригирана од лични и партиски побуди. Воопшто тоа не ме тангира. За се она што треба да се каже и направи, тоа го кажувам на раководството и претседателот на партијата. Конкретно со Дарко Каевски за наводна средба, вистина е дека имавме многу тајна средба во центарот на Скопје, случајно се сретнавме на пешачкиот премин кај „Рамстор“. Некој видел дека сме зборувале. Толку е тајна средбата и толку е вистината информацијата, истакна Спасовски.
Пред две недели, дел од медиумите објавија дека имало тајна средба меѓу поранешниот министер за внатрешни работи во Владата на СДСМ и поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт. Како што пишуваа тогаш медиумите, средбата била на тајна локација, во најстрогиот центар на градот, во близина на улицата „Македонија“.