Спасовски: За Жежовски немаше пријава за украдено возило, туку за исчезнато лице

од Nikola Popovski

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа порача дека неоснованите и неаргументирани тврдења за текот на истрагата за двојното убиство, извршуваат уште еднаш убиство врз жртвите. Според него, се појавуваат голем број шпекулации во јавноста.

-Бевте сведоци на шпекулации дека убиствата биле извршени од лица од една или друга етничка припадност, дека им е дозволено да избегаат во Косово, па дека се наоѓа девојчето во некоја џамија во Косово итн. Тоа беа најгнасните лаги и невистини, тоа беше нешто најдолно што може да се случува. Ова се тврдења кои што можат да ги направат само десни екстремистички групи кои што апсолутно не соодветствуваат со реалноста и сакаат да се предизвика некаква недоверба, страв итн., и покрај брзината и ефикасноста со која работеше полицијата, рече Спасовски во гостувањето на емисијата „Само интервју“.

Во однос на пријавата за убиството на велешанецот Панче Жежовски, министерот истакна дека пријавувањето на исчезнување на лицето е извршено на 24-ти ноември вечерта и тоа за исчезнување на лице кое што живеело само, кое што фамилијата, семејството го бара и не го наоѓа и пријавува дека исчезнува.

-Секако дека нема пријава во која што се вели дека е украдено моторно возило итн., туку исчезнато е лицето, а возилото не било тука, па се претпоставува дека лицето заминало со возилото некаде, објасни Спасовски, посочувајќи дека од тој момент започнуваат и сите постапки во однос на истрагата во Велес, од страна на СВР Велес, а за случајот во Скопје, веднаш после првата пријава на телефонскиот број, се активираат сите механизми во однос на пронаоѓањето на девојчето.

На прашањето какви се шансите Турција да не го испорача убиецот Љупчо Палевски, потенцираше дека Турција е наша пријателска земја и очекува брза екстрадиција.

-Министерот за правда заедно со неговиот тим ги направија сите потребни работи во однос на подготовката на целата документација, преводи кои што се официјални и кои што веќе се доставени во Турција. Информациите се потврдени од страна на турските власти дека се примени сите тие документации во однос на екстрадицијата и јас очекувам дека тој процес ќе тече најбрзо и дека ќе се заврши екстрадицијата на осомничениот, дециден беше Спасовски.

ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати обвинуваше дека возилото на сега убиениот а тогаш исчезнат Панче, е исчезнато уште од 22 ноември односно 5 дена пред убиството на Вања.

Како доказ на ова, како што истакнуваат, е телеграмата, испратена од СВР Велес до сите СВР на територија на Македонија, а во која се нотира дека лицето заедно со својот автомобил, а тоа е автомобилот со кој била киднапирана Вања, е пријавен за исчезнат од страна на член на неговото семејство на 24 ноември.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 (Вања) и 24 ноември (Панче), а потоа беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември.

За нивното убиство засега се осомничени шест лица, од кои пет се во притвор, а првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо чека да биде екстрадиран од Турција.

Слични содржини