Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски вели дека пратениците од нивната коалиција ќе бидат активни во Собранието, ќе ги следат сите процеси и најави дека ќе бидат конструктивна опозиција – во интерес на граѓаните и државата.
-Премногу враќање назад не треба да има, но ќе треба да ги изанализираме одредени работи за да видиме зошто се случи ваков резултат. Од тие грешки ќе треба да се извлечат нови поуки и ќе треба да имаме рекомпонирање. Ако ги гледаме проектите кои што ги реализираше СДСМ, произлегуваат од програмските определби на партијата. Решениот статус на стечајците, минималната плата, државната социјална пензија, системот за усогласувањето на пензиите, зголемувањето на платите во повеќе сегменти, недела неработен ден…Ние не остапивме од политиките и идеологијата. СДСМ нема да отстапи од левата социјалдемократија. Не можеме ние да преминуваме кон десница или кон било што друго. Нашата позиција е јасна во македонското општество, кажа Спасовски во емисијата на „Слободен печат“.
За оние што си заминаа од СДСМ и се приклучија во друга партија, како на пример Движењето ЗНАМ на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и дали дел од нив би можеле да се вратат во СДСМ, Спасовски вели:
-Секогаш малата река влегува во големата, никогаш големата не оди во мала река и тоа е закономерност на природата. Да не очекуваме дека друго ќе се случува. За нас е важно овие активности што ги преземаме во делот на зајакнувањето на партијата, да ја понудат таа перспектива во која што секој еден ќе гледа политичка сила која ќе се спротивстави на владеачката структура и да понуди алтернатива за сите политики кои што нема да бидат во правец на тоа што луѓето го очекуваат. Вратата треба да биде отворена за секој еден, на ниво на принципи, истакнува поранешниот министер за внатрешни работи.