Во тек е кординирање за извлекување заглавено постаро лице од снежни наноси во својот дом во село Полаки, Мало Бабиште, Кочанско. РЦУК Кочани известува дека постапиле по пријавата за помош на лице во с. Полаки (планинско село од разбиен тип) во маало Бабиште при што контактирани се ЛС Кочани, Црвен крст Кочани, ТППЕ Кочани и ДЗС Кочани. Командирот на ТППЕ Кочани има стапено во контакт со братот на лицето кое се наоѓа во с. Полаки за негова евакуација од страна на ТППЕ Кочани.
-Истиот ја одбива понудената помош со барање да се почека до утре. Истовремено, има ново барање да им се исчисти прво патот (концесионерот ги одржува само патиштата коишто се под асфалт, а не и споредните патишта коишто се до маалата, а што не се асфалтирани) па потоа тие да проценат дали ТППЕ има потреба да интервенира за нивна евентуална евакуација, стои во соопштението.
РЦУК Кочани и Секторот за операции и координација се во постојан контакт со ТППЕ Кочани.
Состојбата е променлива во останатите делови на Македонија. Екипите се на терен, зимската опрема за возачите е задолжителна.
Според информациите од УХРМ, врнежи од снег со променлив интензитет во утринските часови се бележат низ целата држава. Апелираат да се следи временската состојба и граѓаните кои планираат да патуваат навреме да се информираат од сообраќајните служби за условите на државните патишта. Професионалните возачи на тешки товарни возила да се информираат за условите на патиштата и препораките за сообраќај.